Македонија 56 на ранг листата на ФИВБ, познат списокот за Европската лига
Во пресрет на новата репрезентативна сезона во тоа натпреварување, селекторот Жарко Ристоски го соопшти списокот од 16 репрезентативци меѓу кои има 12 од минатата сезона...

На најновата листа на Светската одбојкарска федерација, Македонија котира на 56 позиција. Ова е највисок пласман во рангирањето на ФИВБ во историјата на нашата одбојка, најмногу благодарение на успесите постигнати минатата година во дебито во Европската лига, кога Македонија беше меѓу четирите најдобри и на праг за пласман во финалето кога минимално загубија од Црна Гора. Во пресрет на новата репрезентативна сезона во тоа натпреварување, селекторот Жарко Ристоски го соопшти списокот од 16 репрезентативци меѓу кои има 12 од минатата сезона.
Составот го предводи најдобриот играч на Париз волеј коректорот Никола Ѓорѓиев, а покрај него се неговиот брат Ѓорѓи на позиција техничар, заедно со Деспотовски. Вториот коректор е Симовски, додека на позиција универзалци се Милев, Карановиќ, Љавтов и дебитантите Урдов и Стојчев. Искусниот Јосифов се враќа по повредата на позиција среден блокер, заедно со Николов, Клопчевски, Ѓорѓевски и новакот Маџунков. Во составот се и двете либера Михаилов и Ангеловски. Подготовките почнуваат на 1 јуни, а според ждрепката, Македонија првите два натпревари ќе ги има на гости во Естонија на 10 и 11 јули. Во наредните 3 викенда ќе одигра по 2 натпревара на домашен терен со Израел, Данска и со Австрија, за да го заокружи циклусот на паркетот на светскиот шампион Полска, на 7 и на 8 август.
