Фудбалот пред статистиката и традицијата
Домашната победа од 2:1 не му гарантира на Јуве дека по 12 години, осмипат ќе игра во елитното финале иако секогаш ја минувал елиминациската фаза кога прво славел во Торино со 2:1, а само еднаш е елиминиран во полуфиналето кога на гости отишол со предност...

Покрај безбројте статистички податоци кои ја прават богата традицијата на Реал и Јувентус, најважни во реванш полуфиналниот натпревар од Лигата на шампионите, сепак ќе бидат фудбалските елементи. Анчелоти ќе се врати на формацијата 4:3:3 затоа што Бензема се опорави, ќе игра и Крос иако не тренираше со полн интенизитет, Рамос повторно ќе биде на својата стоперскаа позиција, а и овојпат ќе отсуствуваат Модриќ и Кедира. Алегри пак, ќе остане на тактичката варијанта 4-3-1-2 којашто овојпат ќе биде засилена со повратникот Погба кој во однос на првиот меч ќе го замени Стураро.
Домашната победа од 2:1 не му гарантира на Јуве дека по 12 години, осмипат ќе игра во елитното финале иако секогаш ја минувал елиминациската фаза кога прво славел во Торино со 2:1, а само еднаш е елиминиран во полуфиналето кога на гости отишол со предност.
На 24 гостувања сезонава, црно - белите примиле само 12 гола, не и на последните три во Лигата на шампионите, но мадриѓани на 52 меча по ред, 23 во Европа на „Сантијаго Бернабеу“ постигнале барем по погодок. 13:12 е полуфиналниот биланс на Реал којшто никогаш во петте ситуации кога го загубил првиот дуел на гости, не влегол во финалето.
Во меѓусебните мечеви, во Мадрид немало нерешено, 5:2 е за Реал којшто ги доби двете финалиња, но беше елиминран во другите четири нокаут дуели со Јувентус.
Но бројките не играат, туку Роналдо кој сезонава има 9 гола, вкупно 76 или еден помалку од Меси во Лигата на шампионите и Касиљас кој ќе го израмни рекордот на Чави од 150 елитни настапи. Јувентус на искуството од вакви големи натпревари на фудбалерите на Реал ќе се спротивстави со големиот мотив, затоа што само Буфон беше дел од екипата којашто играше во последното клупско финале во 2003-та година.
Анчелоти смета дека Реал мора да одигра најдобро сезонава, пристапот мора да биде жесток и борбен како против Валенсија без разлика на првенственото реми, 2:2. Иако нема да менува ништо во дефанзивата, Алегри вели дека е невозможно да се игра на 0:0 и дека Јувентус ќе мора да ја има топката што повеќе во 18-от меѓусебен дуел во којшто и двете екипи ќе влезат со по 8 триумфи и само едно нерешено.
Реал - Јуве ексклузивно на МРТ1 во 20.45.
