УЕФА Европа лига, полуфинале - реванши

Дњипро создава, Наполи сака да ја повтори историјата

14.05.2015 13:30

Пред точно 40 години, Динамо Киев го крена пехарот во Купот на победниците на куповите и стана првата украинска екипа со европски трофеј. Во 2009-та Шахтјор беше последата со триумф во тогашниот Куп на УЕФА...

На денот за украинска фудбалска слава, Дњипро ќе се обиде да ја надгради клупската историја, веќе испишана со успешните настапи во УЕФА Европа лигата сезонава. Пред точно 40 години, Динамо Киев го крена пехарот во Купот на победниците на куповите и стана првата украинска екипа со европски трофеј. Во 2009-та Шахтјор беше последата со триумф во тогашниот Куп на УЕФА.

Дњипро е на половина пат да влезе во редот на украинските  претставници коишто играле финале. Составот на Мирон Маркевич извлече реми со по еден гол на „Сан Паоло“, па на домашен терен минува и со почетните 0-0. Но може ли Наполи вторпат да биде неефикасен? „Сега ќе играме поинаку“, дециден е тренерот на Дњипро, кој повторно најави тактика со контранапади. „Шансите сега се поизедначени отколку пред првиот дуел“, вели Маркевиќ, надевајќи се дека „најважниот натпревар во кариерата допрва доаѓа“.

На финале во Варшава на 24-ти мај цели и Наполи. За да успее, италијанскиот тим треба да се врати на ефикасноста од претходните средби. Од почетокот на групната фаза Наполи има просек од два гола на меч и е најефиканската екипа во УЕФА Европа лигата сезонава. Во исто време, небесносината одбрана прими осум гола, најмалку во споредба со полуфиналистите. Рафа Бенитез знае каде е клучот.

„На последниот лигашки натпревар имавме повеќе од 20 шутеви. Ако го повториме тоа, ќе постигнеме два гола. Мислам дека ќе бидат доволни“, прецизен е искусниот шпански стратег кој не стравува дека негативен резултат во Киев може да значи „писмо за прекоманда“.

Проекциите на Наполи се јасни. Италијанците бараат пресликување на првата пресметка. Тогаш имаа 19 наспроти 3 шута и 14 наспроти еден корнер за противникот, со целосна контрола на топката. Но голманот Бојко прими само 11 гола на 15 европски пресметки сезонава, а Бразилецот Даглас покажа дека неговите екстремитети се тешка пречка и за Кавани и за Игуаин. Во суштина, реваншот во Киев повторно ќе биде мерење на одбраната на Дњипро и нападот на Наполи.

За фудбалските вљубеници не треба специјална покана. Македонска телевизија, 21 часот.

Во другиот денешен натпревар, Севилја ќе истрча на „Артемио Франки“ во Фиренца со надеж дека ќе ја задржи огромната предност од првиот меѓусебен дуел. Пред седум дена, бранителот на трофејот во УЕФА Европа лигата ја совлада Фиорентина со 3-0. 

***

УЕФА Европа лига, полуфинале, реванши

Фипрентина - Севилја (0-3)

Дњипро – Наполи (1-1) – Пренос на МТВ 1 од 21.00