Австралиската „Глобал Роуд Технолоџи“ ќе отвори фабрика во Прилепско

14.05.2015 14:33

Австралиска компанија, „Глобал Роуд Технолоџи“ водечка во делот на иновативни материјали за брза градба на автопати, има план да отвори фабрика во Прилепско. Претставници на компанијата веќе имале средба со надлежните институции. Во ексклузивно интервју за МТВ, застапникот на фирмата за земјава, ги открива плановите за новата инвестиција...

Австралиска компанија, водечка во делот на иновативни материјали за брза градба на автопати, доаѓа во Македонија. Во ексклузивно интервју за МТВ, застапникот на фирмата за земјава, ги открива плановите за новата инвестиција. „Глобал Роуд Технолоџи“ има план да отвори фабрика во Прилепско, која ќе се користи како база за покривање на регионалниот и на пазарите во Европската унија.

„База за Европа, за австралиски компании- Македонија е најдбора дестинација за тоа. Мислам дека после оваа компанија, многу други компании од Австралија ќе дојдат“, изјави Питер Ристевски.  

Претставници на компанијата веќе имале средба со надлежните институции. Веќе бараат локација за изградба на новиот капацитет. Компанијата планира да ангажира голем број стручни и квалификувани кадри со големо искуство, но и инженери и градежни работници кои обука за процесот на работа на австралијанците.

„Бевме во Прилеп да избереме локација за фабриката, во јужниот дел на Македонија ни одговара најмногу, бидејќи е блиску до Солун, од каде што може да се носат производите и секако на тој регион му требаат повеќе работни места“, додава Ристевски.

Австралиската „Глобал Роуд Технолоџи“ гради современи автопати во Австралија и во Азија. Со нејзините иновативни производи и решенија за стабилизирање на земјиното тло, изградбата е поевтина и побрза за околу 40 проценти.

Компанијата планира освен со изградба на патишта, својата мрежа да ја збогати со нови производи поврзани со оваа дејност и во делот на високоградбата.

 

Дијана Ценевска