Реал истрошен, Јуве гладен за големи победи
Славата им припаѓа на победниците. Кај старата дама владее еуфорија по осмото финале во клупската историја остварено по пауза од 12 години, па разбирливо нема многу стручни анализи...
Реал е европски рекордер, но некоректно кон Јувентус, најголемиот број реакции по реванш полуфиналниот дуел во Лигата на шампионите се насочени кон неуспехот на кралскиот клуб. Сепак, славата им припаѓа на победниците. Кај старата дама владее еуфорија по осмото финале во клупската историја остварено по пауза од 12 години, па разбирливо нема многу стручни анализи. Во една од ретките, Алегри посочи дека одлично ја одработиле замислата да ги оддалечат Иско и Родригез од голот на Буфон, затоа што не се добри дефанзивци. Алегри е дециден дека Јуве заслужи да биде во Берлин, бидејќи неговите фудбалери биле храбри и трпеливи, верувале во успех и останале мирни и покрај негативата. Буфон, кој е единствен кој играше во мечот за трофејот во 2003-та, ужива во големиот резултат, се согласува дека Барселона е моќна, но најавува дека кога веќе стигнаа до Берлин нема да бидат туристи и не се задоволуваат само со тоа што се финалисти. Мората е презадоволен што ќе игра на Олимпискиот стадион, но вели дека ќе бил посреќен да ја тресел мрежата на некоја друга екипа, а не на својот Реал.
Во Шпанија, медиумите и навивачите на Реал се немилосрдни и ги прогласија Анчелоти, Кристијано Роналдо и Бејл – „покојници“, а неуспехот – „фијаско на столетието“. Недозволено е Реал да зависи од Роналдо кој иако и вчера постави неколку нови индивидуални рекорди, не беше на нивото на коешто треба да игра најдобриот планетарен фудбалер. Оценката е дека кај Реал големите ѕвезди се истрошени, а дека кај Јуве играчите се гладни за големи победи и трофеи, дека дефанзивците речиси и да не грешат, а напаѓачите погодуваат кога е најпотребно. Безвредната титула светски клупски шампион е недоволна за великан како Реал, време е за ремонт, многу веројатно дека прв ќе си замине Анчелоти. Англичаните пак, тврдат дека Сити веќе му понудил да се пресели во Манчестер.
Спротивно пак, тренерот на мадриѓани нема што да им замери на своите фудбалери, побара оправдување во честите повреди во финишот на сезоната, смета дека немале доволно среќа, дека вчера решавале нијанси и дека шансата ја пропуштиле во Торино. Најреален е Рамос кој изјави дека Јувентус го заслужил финалето и дека по промашувањата во првото полувреме, Реал се рападнал по голот на Мората.
А, погодокот на 22-годишното момче, недоволно ценето на Сантијаго Бернабеу, го овозможи седмиот дуел меѓу Јувентус и Барселона. Никогаш не играле во финале, во трите нокаут пресметки каталонците се поуспешни со 2:1, додека вкупниот биланс е израмнет, по две победи и едно нерешено. Пецкањата веќе почнаа, па натпреварот на 6 јуни ќе биде соочување на Суарез и неговите „жртви“, Кјелини и Евра.
