Тексас: 192 уапсени по престрелката на моторџиските банди

18.05.2015 16:47

Во моментот на престрелката на локацијата имало полицајци но ниту еден од нив не бил повреден. Според медиумите, најпрвин избила кавга во ресторанот која ескалирала и се преселила на паркиралиштето. Било користено огнено оружје, ланци, ножеви и палки...

Полицијата во Тексас уапси 192 лица под сомнение дека учествувале во вчерашната престрелка со огнено оружје во која загинаа 9-мина, а десетици се повредени. Пукањето се случувало во спортскиот ресторан и бар „Твин Пикс“, инаку познато моторџиско собиралиште.

„На местото на настанот 8 лица беа прогласени мртви, а подоцна во болница почина уште едно лице со што бројот на жртви се искачи на вкупно 9.  Во овој момент нема да ги кажам нивните имиња, ниту имињата на бандите кои биле вмешани. Не сакаме да им даваме никаков кредибилитет“, изјави Патрик Свантон, полициски наредник.

Во моментот на престрелката на локацијата имало полицајци но ниту еден од нив не бил повреден. Според медиумите, најпрвин избила кавга во ресторанот која ескалирала и се преселила на паркиралиштето.  Било користено огнено оружје, ланци, ножеви и палки.

„Нашите полицајци одговориле речиси моментално. Имало најмалку 200 моторџии на местото на случувањето. Многу од нив се уапсени и многу од нив учествувале во престрелката. Ќе ви кажам дека сите луѓе пренесени во болница како и оние што загинаа биле дел од бандите кои биле овде“, додаде Свантон.

Очевидците тврдат дека паркинг просторот пред барот изгледал како воена зона, додавајќи дека биле истрелани најмалку 100 куршуми. Полицијата соопшти дека се работи за многу непријателски настроени и опасни банди и се стравува дека е можно да се префрлат на друга локација каде што повторно ќе се пресметаат.

 

Марина Автовска