Сѐ е подготвено за стартот на Евровизија 2015

19.05.2015 18:04

Даниел Кајмакоски, момците од MRЈ ( Black street) и комплетната македонска делегација ги финишираа сите детали по вчерашната и денешната последна генерална проба пред вечерашниот директен пренос од првата полуфинална вечер на Изборот за песна на Евровизија овде во Виена...

Се е подготвено за официјалниот старт на годинашниов избор за песна на Евровизија чие мото  “Building bridges” или „Градиме мостови“ ги симболизира мостовите коишто овој најголем музички избор на светот низ суштината на целиот евровизиски избор и директните преноси ќе ги изгради- помеѓу различностите на народите, културните идентитети и луѓето.

Даниел Кајмакоски, момците од MRЈ ( Black street)  и комплетната македонска делегација  ги финишираа сите детали по вчерашната и денешната последна генерална проба пред вечерашниот директен пренос од првата полуфинална вечер на Изборот за песна на Евровизија овде во Виена.

Генералните проби коишто се одржуваат вечерта пред денот на директните преноси се мошне важни за изведувачите на сцената, зошто на истата гласа петчлено стручно жири во секоја од земјите и националните радио дифузери учесници на годинашниов евровизиски избор. Така, вчеравечер на 18- ти мај на генералната проба за првото полуфинале покрај Македонија и уште 15 други земји гласаше уште и националното стручно жири на Шпанија, Австрија, Франција и Австралија.

Нивните вкупни гласови претворени во евровизиски поени зедно со телевоутингот во однос 50 : 50 %  ги одредуваат 10 финалисти од двете полуфинални вечери, а на крајот во големото финале - кога исто така ќе гласаат на генералната проба ќе го одредат и конечниот пласман на сите рекордни досега 27 песни и земји во финалето. Имињата на Петчленото стручно жири од секоја земја беа објавени на 1- ви мај .

Антонио Димитриевски, Ана Костадиновска, Александар Белов, Сара Пројковска-Николовска и Андријана Јовановска, и како бекап жири Никола Мицевски се членови на Македонското стручно жири акредитирани од Македонската Радио Телевизија.

40 земји ќе настапат на годинашнава Евровизиска сцена, 33 од нив  поделени во две полуфинални вечери и се разбира  директно во финалето се земјите од големата петорка  Обединетото Кралство, Франција, Германија, Шпанија Италија ,земјата домаќин Австрија и Австралија којашто оваа година на специјална покана од ебу учествува директно во финалето иако во ситуација да победат според одлуката на ЕБУ организацијата ќе ја превземе Германскиот национален радиодифузер.

Импресивното осветлување и досега невидени светлосни ефекти создавани на сцената којашто визуелно подсетува на око симболизирајки го почитувањето и препознавањето на културните вредности на нациите- овозможуваат неисцрпни можности за креативно обликување на сценските настапи на секој од учесниците. Директните преноси за првпат ќе се реализираат со 26 камери.

Вечерва ќе има можност да гласа македонската публика со јавување или испраќање на смс порака на телефонот ист за сите мобилни оператори во Македонија. Можете да гласате и со даунлодирање  на апликацијата од официјалната евровизиска страница , а Маjкрософт официјалниот технолшки партнер на европската радио дифузна унија за годинашниов евровизиски избор овозможува гласање и преку посебна интернет платформа и апликација којашто овозможува   он лајн следење на се што се случува на сцената, информации за земјите и учесниците, но исто така и следење на директнте преноси  и песните за лицата со пречки во слухот со помош на интернационалниот јазик на знаците.

Гласате на следниов начин: Го повикувате бројот којшто ќе биде испишан на ТВ екраните ист за сите мобилни оператори и само го додавате редниот број на настап на вашиот фаворит од 01  до 16. Или испраќате СМС порака - на телефонскиот број којшто исто така ќе биде видно потенциран на ТВ екранот, а како текст впишувате само реден број на настап на вашиот фаворит.

Цената на еден повик или СМС порака изнесува 35,4 денари со вклучен ДДВ. Можете да гласате вкупно 20 пати, не може да гласате за Вашата земја, значи ако сте во Македонија неможе да гласате за Даниел Кајмакоски.

Но, Македонците кои оваа вечер се некаде во земјите кои учествуваат во првата полуфинална вечер, или Евровизискиот пренос го следат преку националните радио дифузери во Шпанија, Австрија, Франција и вклучително Австралија може да гласаат преку националните оператори за Даниел Кајмакоски и Македонија со додавање на  редниот број 08.

Гласовите од телевоутингот сочинуваат само 50 % од вкупните гласови на крајот, зошто останатите 50% ги прават гласовите на стручното жири во секоја од земјите што учествуваат во полуфиналните вечери како и земјите од големата петорка, Австрија  и Австралија.

Македонија на Изборот за песна на Евровизија учествува од 1998, а од воведувањето на полуфиналните вечери во 2004- тата година, само 5 пати обезбедува влез во финалето.

Се очекува настанот да го следат 1.700 акредитирани новинари, илјадници евровизиски фанови но и над 200 милиони гледачи низ директните преноси преку радио телевизиската мрежа на Европската радио дифузна унија.

Коментатор  на сите три вечери од јубилејното издание на Изборот за песна на Евровизија 2015- та од Виена е Каролина Петковска.

Директниот пренос  со  почеток во 21:00 часот можете да го проследите на МТВ 1, МТВ 2, МРА Радио Скопје, МРА 2, како и на сателитските програми на МРТ. 

Каролина Петковска, специјален известувач од Виена за МРТ