Работнички по четврти или Тетекс по третпат? Финалето на фудбалскиот Куп на Македонија е во 20 часот на МРТ1
Годинава ќе стартуваат во борба за трофејот од дијаметрално спротивни позиции. Од една страна Работнички со обезбедено второ место и обезбеденo Европa. Од друга е Тетекс како иден второлигаш...

Вечерашното куп финале носи пресметка на староседелци во мечот за трофејот кои најдоа рецепт за ова натпреварување последните 8 години. Токму од 2008 година двете екипи ги направија најголемите успеси во купот, кога Работнички во своето прво финале го освои првиот од 3 трофеи. Го одбрани следната сезона а откако загуби две финалиња, лани одново го врати во своите витрини. Уште понова куп историја има Тетекс, кому првото финале му го донесе првиот трофеј и тоа токму против Работнички во 2010 година. Не успеаја да го одбранат следната сезона кога загубија од Металург, но го вратија во 2013 по повторениот натпревар со Шкендија.
Годинава ќе стартуваат во борба за трофејот од дијаметрално спротивни позиции. Од една страна Работнички со обезбедено второ место и обезбеденo Европa. Од друга е Тетекс како иден второлигаш, но со огромни мотиви да игра во летните квалификации за Европа лигата. Од тој аспект мотивацијата е на највисоко ниво, иако објективно квалитетот е на страната на ривалот. Освојувачот на двојната круна од минатата сезона ќе игра за реванш од пред 5 години, но и за својот 4 трофеј со кој би биле само на чекор до најуспешниот Вардар, кој има 5 купа. Сезонава штофарите ги елиминираа Гоблен, потоа Шкупи, Кожув и Турново, а романтичарите беа подобри од Пелистер, Г Лисиче и Ренова. Иако финалето не признава фаворити на хартија, сепак статистиката е драстично на страната на скопскиот клуб кој ги доби сите 3 дуели сезонава, а во серија е од 5 едноподруго победи во 11 соочувања. Последен пат Тетекс славеше пред 5 години, кога врза две победи заедно со споменатото куп финале.
Во 23 годишната историја вкупно 16 екипи играле финале, а 12 се радувале на триумф. Покрај најтрофејниот Вардар, кој има одличен ефект од 5 победи во 6 настапи, рекордер во завршниот меч е Слога Југомагнат со 8 финалиња во кои освои 3 купа. Работнички го дели второто место на вечната листа и со евентуален успех, ќе се издвои зад Вардар. Во спротивно ќе добие друштво во Тетекс, кој го дели 4 место со Силекс со по 2 купa.
Работнички или Тетекс, ќе дознаеме вечерва во натпревaрот на “Филип 2 арена” низ преносот на МРТ1 од 20 часот.
