Ракомет

Вардар се засилува

20.05.2015 15:09

За да ги остварат високите европски амбиции, црвено - црните истовремено се засилуваат, но и ги задржуваат ракометарите кои им донесоа две четвртфиналиња во Лигата на шампионите...

Иако домашното првенство се уште не е завршено, Вардар веќе размислува не само за следната туку и за неколку наредни сезони. За да ги остварат високите европски амбиции, црвено - црните истовремено се засилуваат, но и ги задржуваат ракометарите кои им донесоа две четвртфиналиња во Лигата на шампионите.

Нов играч во следните три години ќе биде пивотменот Мијајло Марсениќ кој сезонава ја почна во Металург, а во Вардар ќе го замени Михаил Чипурин. Српскиот ракометар ќе биде четвртото засилување откако челниците на Вардар претходно се договорија со македонското репрезентативно лево крило, Дејан Манасков и со бековите, Шпанецот Хорхе Македа и Русинот Александар Деревен. Во игра да го облече црвено - црниот дрес е и хрватскиот плејмејкер, Лука Циндриќ кој по недоразбирањата со Металург е слободен ракометар.

Важно за Вардар е и тоа што основата на екипата ќе остане уште неколку бидејќи верноста денеска ја продолжија  Сојанче Стоилов до 2018-та, капитенот Филип Лазаров и Алем Тоскиќ за следната и Матијаж Брумен за уште две сезони, како и Алекс Душебаев кој вчера потврди дека ќе остане во Скопје најмалку до 2017-та.