Друловиќ ќе го враќа Пандев?!
Нашиот најдобар фудбалер се повлече од играњето за селекцијата и нема настап во овие квалификации, но Друловиќ вели дека во првичните разговори Пандев најавил можност да се врати во националниот состав...

Иако дојде во услови на разочараност од резултатите во тековниот квалификациски циклус, новиот селектор Љубинко Друловиќ е пред императив брзо да направи промени и да овозможи во потребен мир националниот состав да покаже нов квалитет, во играта, можеби и во пласманот во групата. Македонија нема премногу фудбалери со репрезентативни карактеристики, па уште на промоцијата српскиот стратег најави дека чува дрес за Горан Пандев.
Нашиот најдобар фудбалер се повлече од играњето за селекцијата и нема настап во овие квалификации, но Друловиќ вели дека во првичните разговори Пандев најавил можност да се врати во националниот состав. Сепак, селекторот нема да смета на неговите услуги за гостувањето во Словачка на 14-ти јуни, а се надева дека Пандев ќе и помогне на Македонија во септемвриските натпревари со Луксембург на негов терен и со Шпанија во Скопје.
Во октомври ќе ја пречекаме Украина, а ќе патуваме во Белорусија. Со овие мечеви ќе ги завршиме квалификациите за Европското првенство во Франција. Сега сме петти во групата со бод помалку од Белорусија, а два повеќе од последнопласираниот Луксембург.
