Пресуда за насилните демонстранти- затворска и условни казни
Обвинетите демонстранти признаа- со камења, шишиња и метални шипки мавале по полицијата на протестите на 5-ти мај. Еден од нив доби 10 месеци затворска казна, останатите осуммина три месечна условна казна ...

Горан Митановски доби десет месеци затвор откако заедно со другите насилни демонстранти на 5-ти мај годинава на протестот пред Владата агресивно ја нападна полицијата. Ваква пресуда донесе Кривичниот суд откако тој ја призна вината. Митановски, кој е вујко на Марин Нешковски, беше единствениот што доби затворска казна, бидејќи претходно бил условно осуден исто за напад на полицаец.
„Од онаа фотодокументација што ја видов јас и што постои во списите на предметот, нема толпа, дејствијата негови се само поединечни во моментот кога ја брани својата сестра“, вели адвокатот Мирослав Вујиќ.
Останатите осум обвинети добија тримесечна условна казна која нема да се реализира ако во рок од една година не сторат нов зулум. Сите обвинети признаа дека фрлале со камења, шишиња и метални шипки по полицијата.
„Сите други бранители сме крајно задоволни од односот и коректноста на судот, брзината во која ја спроведе оваа судска постапка, во делот на кривичната санкција што ни е одредена, не можам да коментирам, меѓутоа одредена е најниската алтернативна казна што по мене е некој успех за сите обвинети“, вели адвокатот Иван Поповски.
Од вкупно девет обвинети еден беше во домашен, а шестмина во затворски притвор. Демонстрантот кој беше недостапен на полицијата сам се јави на денешното рочиште. По експресниот завршеток на сите им е укинат притворот.
За насилните протести пред Владата обинителен предлог има за уште две групи демонстранти. Овие судски процеси треба да почнат кон почетокот на идниот месец.
Анита Димитријевска
