IN MEMORIAM - Димитар Масевски
Во неговото авторско портфолио остануват над 500 композиции, меѓу коишто посебно место завзема композицијата „Последна солза“ во интерпретација на Блага Видец, како прва песна одпеана на македонски јазик на фестивалска сцена надвор од Македонија...

На 24-ти мај во Скопје почина Димитар Масевски, еден од најплодните македонски автори на популарна музика. Роден во 1937- та година во Скопје, Димитар Масевски на македонската музичка сцена се појвува во 1956 кога е изведена неговата прва композиција „Врати се“ со Никола Автовски - Боби. Автор,композитор, текстописец, инструменталист и музички продуцент , Димитар Масевски извршуваше и голем број на одговорни функции во Македонската Телевизија и Музичката продукција на Македонската Радио Телевизија.
Во неговото авторско портфолио остануват над 500 композиции, меѓу коишто посебно место завзема композицијата „Последна солза“ во интерпретација на Блага Видец, како прва песна одпеана на македонски јазик на фестивалска сцена надвор од Македонија во 1957-та година,но и првата детска песна „Рингишпил“ отпеана на македонски јазик и јавно емитувана во специјална емисија на радиото.
Неговиот уметнички манир во комбинирањето на современите музички трендови и музичките елементи карактеристични за македонската музичка традиција се препознаваат во голем број веќе обнародени песни од областа на современата фолк композиција но исто така и во музиката којашто тој ја создаваше за голем број телевизиски серии, драми, филмови и театарски представи.
Добитник на голем број домашни и меѓународни признанија меѓу кои и орден на трудот со сребрени зраци, на последното издание на фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ 2014- Димитар Масевски ја добива и наградата за животно дело, којашто ја доделува Македонската Радио Телевизија за исклучителен придонес и афирмација кон македонската музика.
Авторскиот, професионален и човечки кредибилитет на Димитар Масевски оставаат дела достојни за почит и непроценливо музичко наследство коешто влегува во аналите на незаборавот.
