„Кармина Бурана“ за отворање на „Охридско лето“
55-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде отворено со музичко сценскиот спектакл „Кармина Бурана“, во изведба на еминентната компанија од шпанија „Ла Фура Делс Баус“. Низ четириесетте фестивалски вечери, публиката ќе ужива во настапите и на други познати уметници од светот...

Со големиот музичко- сценски спектакл „Кармина Бурана“ на Карл Орф, во изведба на светски познатиот шпански ансамбл „Ла Фура Делс Баус“ ќе биде отворено годинешното 55-то јубилејно издание на „Охридско лето“. Во тридецениската историја овој ансамбл бележи стотици успешни настапи во светот, меѓу кои е и отворањето на Олимписките игри во Барселона во 1992 година. На летните сцени во Охрид ќе продефилираат и многу други врвни имиња од светот на музичката и драмската уметност.
„Оваа година го имаме најголемото созвездие на светски уметници, токму така како што доликува на 55-то јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“. И оваа година со ваквата богата, квалитетна и атрактивна музичка понуда длабоко веруваме дека ќе го предизвикаме вниманието не само на домашната публика, туку и на странската“, изјави Гордана Јосифова Неделковска- музички селектор.
„Ќе излеземе потполно од затворениот простор и сите претстави кои што ќе бидат изведени на овогодинашното издание ќе бидат амбиентални, надвор од Домот на културата Григор Прличев“, вели драмскиот селектор Ѓорѓи Јолевски.
Денеска беше промовиран и новиот репрезентативен објект на фестивалот.
„Убедена сум дека токму во овие нови простории на установата во текот на целата година ќе се раѓаат и ќе се развиваат многу идеи и иницијативи кои ќе придонесат за развој на богатата фестивалска историја на Охридско лето“, изјави Елизабета Канческа Милевска-минисер за култура.
„Со цел да обезбедиме и соодветни услови Националната Установа „Охридско лето“ ќе функционира во овие нови простории. Просторното решение ја отсликува нашата заложба да се движиме кон нови,современи текови,кои се налик на светските збиднувања“, рече Елизабета Јанкуловска, Директор на фестивалот „Охридско лето“.
Фестивалот е духовно пристаниште кое низ уметноста ги обединува луѓето и народите,велат од дирекцијата на Охридско лето,а ова јубилејно издание носи посебна тежина бидеќи фестивалската историја забележала 3.937 настани од кои 1.015 драмски, 2.522 музички и над 400 настани во дополнителната програма.
Сашо Нелоски
