Како до здрава бременост: Илјада прашања од трудниците за лекарите
Како до здрава бременост? Идните мајки поставиле илјада прашања за половина година. Лекарите велат дека најзаинтересирани се оние кои на свет треба да го донесат првото дете. Од здравство велат дека мајките можат да добијат и совети за доењето...

Кои прегледи се потребни за да се откријат аномалии на плодот, висок крвен притисок или шеќер во крвта кај идната мајка? Како да се открие ризикот од предвремено породување? Дозволено ли е патување во текот на бременоста и колку килограми може да се зголеми тежината. Ова се најчестите дилеми со кои се соочуваат идните мајки. Преку прашања ги отвориле на Фејсбук профилот „Здрава бременост“.
„Таму се упатуваме за целата бременост, од почеток до крај што е добро, а што не за бременоста... И понатаму ќе ја посетуваме страната... Сметам дека добра можност идните бремени мајки да се информираат за своите неродени деца...“, велат младите мајки кои ги анкетиравме.
Преку овој проект на Министерството за здравство, за шест месеци биле поставени речиси 1.000 прашања. Доктор Кочоски е дел од тимот кој ги одговара.
„Најчесто се работи за пациентки кои што се првородки, тоа им е прва бременост, соочени се со нешто од кое незнаат што да очекуваат или како треба да се одвива нормалната бременоста, а не наоѓаат време, не наоѓаат вистински момент со матичниот гинеколог да поразговараат, обично се најавуваат на тој профил и поставуваат прашања“, вели д-р Горан Кочоски – Клиника за гинекологија и акушерство.
Освен совети за здрава бременост, мајките можат да добијат и совет за доењето.
Велат бременоста е нерверојатно искуство исполнето со возбуда но и по малку страв, секоја идна мајка има секојдневна потреба од стручни совети за она што е најдобро за неа и нејзиното бебе.
Андријана Атанасовска
