Никој нема корист од одолговлекување на евроинтеграциите на Македонија
Ниту друга држава, ниту политичка гарнитура во земјава нема корист од блокирање или одолговлекување на евроинтеграциите на Македонија. Заменик министерката за надворешни работи децидна на Самитот на земјите од Југоисточна Европа. Шефовите на држави и влади испратија порака за подготвеност за справување со организираниот криминал и со тероризмот...

Македонија ќе продолжи да го поддржува Процесот на соработка на земјите од Југоисточна Европа. Заменик министерката Кипријановска децидна никој не може да има корист од блокирање или одолговлекување на евроинтеграциите на Македонија, ниту политичката гарнитура во земјава ниту во европските институции.
„Држење на фокусот на сите релевантни актери, на политичката гарнитура на Република Македонија, меѓутоа исто така на гарнитурата во Европската унија, бидејќи секое одолговлекување на интеграцијата на Република Македонија, не е добро за нас, не е добро за регионот и не е добро за европското семејство“, изјави Драгана Кипријановска, заменик министер за надворешни работи.
Не изостана пораката од шефовите на држави и влади за подготвеноста да се справат со организираниот криминал и тероризмот.
„Од овој Самит произлезе заедничка политичка декларација како производ на консензусот на земјите учеснички. Политичката волја е сведена на конкретен ангажман во насока на интегративните процеси во Северноатланското и европското семејство“, изјави Бујар Нишани, претседател на Р. Албанија.
Претседателот на земјата која го презема претседателствувањето со овој процес укажа дека европската интеграција е единствениот начин да се оди напред, исто така и единствениот начин да се гарантира мирот и стабилноста во регионот.
„Неодамнешните настани во Република Македонија уште еднаш ја потврдија потребата да ја повториме нашата поддршка за независноста и територијалниот интегритет на земјата. Како претседавач Бугарија ќе работи на усвојување заедничка декларација за да се потврди принципиелноста за неповредливоста на националните граници во регионот“, изјави бугарскиот претседател, Росен Плевенлиев.
На Самитот уште еднаш беа потврдени приоритетите на земјите од Југоисточна Европа за подобрување на економскиот развој, трговската размена, инфраструктурната поврзаност и енергетска стабилност.
Фиљана Кока, специјален известувач од Тирана за МРТ
