Уште една лидерска средба без договор
Нема конкретен договор ни по денешната, трета лидерска средба. Се разговарало за состанокот во Стразбур. Повторно седнување на заедничка маса е договорено за идната недела...

И третата лидерска средба заврши без поместување на ставовите и договор за излез од политичката криза. Никој не откри детали за исходот од состанокот на кој повторно присуствуваа, во својство на набљудувачи, американскиот амбасадор Џес Бејли и шефот на делегацијата на Европската унија во Македонија, Аиво Орав. Груевски и Заев ги брифирале Ахмети и Тачи за минатонеделната средба во Стразбур со тројката европратеници. Според ВМРО-ДПМНЕ, во преден план е интересот на државата и на граѓаните.
И лидерот на СДСМ, Заев не зборуваше за детали со цел како што рече да не му наштети на процесот. Додаде дека доколку има потреба тие да и се соопштат на јавноста, тоа ќе го направи Европската унија. Демантираше дека на средбата во Стразбур на маса паднал нон-пејпер со неколку точки. Го повтори ставот за формирање преодна влада и за оставки на премиерот Груевски, на јавниот обвинител и на раководството на МРТ.
Од ВМРО- ДПМНЕ велат дека се за разговори, но не со максималистички барања од опозицијата, поткрепувајќи го тоа со резултатите од ланските парламентарни избори и победата со околу 200 илјади гласови разлика, и дека ДИК и ОБСЕ/ОДИХР нема забелешки на изборниот процес.
Од ДУИ и денеска без официјална изјава за нивниот предлог за формирање работни групи. Од ДПА, пак очекуваат сите предлози да бидат разгледани.
Засега нема информации за евентуална вклученост и на претставник на Европската Унија.
Милчо Велески
