Груевски: Не е добро со леснотија и без докази да се шпекулира

27.05.2015 11:45

Немаме ниту докази, ниту индиции, дека зад кумановските настани стои некоја од големите светски сили, во интервју за „Прес 24“ вели премиерот Груевски. Посочува - не е добро со леснотија да се шпекулира ниту за тоа, дека зад снимените телефонски разговори стои заговор од земји, кои важат за сојузници на државава...

Македонија има пријатели кои и во кризно време сакаат да помогнат - вели премиерот Груевски во интервју за „Прес 24“ на прашањето за средбите со европратениците и комесарот Хан во Стразбур, каде што имаше и обраќање на самитот за Европската народна партија.

„Имаше огромен интерес и многу прашања, на кои прецизно одговорив. За нив беше одлична можност да се информираат за многу работи и особено за нашите ставови по многу настани и случувања. За мене исто така беше одлична можност да информирам и пренесам се што е значајно и е интерес на Македонија. Иако Македонија се соочува со криза, сепак, да не заборавиме дека две години по ред е земја со втор највисок раст на економијата во Европа, а Европската комисија пред еден месец објави прогноза дека во 2015-та и 2016-та се очекува токму Македонија да има највисок раст на економијата во цела Европа“, вели премиерот Груевски во интервјуто.

На прашањето - дали тој лично смета дека САД, или Германија, Франција или Британија стојат за кумановските настани, премиерот одговара:

„За да сметам такво нешто треба да имаме  елементарни докази или барем индиции. Ние такво нешто немаме. Досега немаме податок дека некоја држава или нејзина разузнавачка служба, вклучувајќи ги и гореспоменатите дала логистика или на било кој начин ја поттикнало криминално- терористичката група да го стори делото, а впрочем и не гледам зошто токму држави кои толку многу инвестирале досега во стабилноста и развојот на Македонија би помислиле да ја дестабилизираат истата.“

За шпекулаците, дека зад снимените телефонски разговори стои завера од некои од овие сили, Груевски вели не е добро со леснотија и без докази да се шпекулира и да се набедуваат наши сојузници.

„Во денешно време на огромен технолошки напредок на најголемите суперсили во светот во разузнавачко-безбедносната и телекомуникациска сфера, меѓу кои ги вбројувам и овие 4 земји, мислам дека не им е потребнa осомничената агентурна мрежа во Македонија  доколку одлучат да дојдат до таков вид материјали. Оттука, нема логика тие да стојат како организатори на овој процес. Не е добро со леснотија и без докази да се шпекулира и да се набедуваат наши сојузници. Јас не се согласувам со тоа“, нагласува Груевски.

За позицијата на македонија во однос на проектот „Турски тек“, Груевски вели дека став на земјава по овој проект е дека кога Брисел и Москва ќе постигнат договор за овој  проект, ние би се вклучиле во него. Ние сме земја која е насочена кон Евроатланската заедница, вели Груевски, и при носење одлуки од стратешко значење се водиме од оваа цел.

На прашањето – зошто Македонија долго се држи пред вратата на НАТО, Груевски одговара:

„Македонија неправедно е долг период надвор од нато. Ако не беше овој спор, оддамна ќе бевме членки на нато, а веројатно, не само што ќе ги имавме започнато, туку мислам и дека ќе ги имавме завршено преговорите за членство во ЕУ, што на многу настани во земјата и во регионот ќе им дадеше поинаков тек.“

За изјавите на албанскиот премиер Рама дека Македонија не може да стане дел од НАТО без целосно да го имплементира Охридскиот договор, во интервјуто за „Прес 24“, Груевски вели дека во интерес на граѓаните на Македонија и на Албанија е брза интеграција во Евроатланските структури и оти на ова треба заедно да работиме и да се поддржуваме.