Со „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ почнува МНТ – Фест
Лилија Абаџиева е едно од најсовремените имиња на современиот бугарски театар. Режисерката е позната на македонската јавност по претставите „Женидба“ и „Ромео и Јулија“...

Драмскиот театар од Софија вечерва го отвора второто издание на МНТ- Фест со „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“, во режија на Лилија Абаџиева, едно од најсовремените имиња на современиот бугарски театар. Режисерката е позната на македонската јавност по претставите „Женидба“ и „Ромео и Јулија“.
„Многу се радувам на поканата на Дејан Пројковски да го отвориме годинашниот МНТ –Фест. Дојдовме со голема екипа и со нетрпение го очекуваме вечерашното отворање, за да и се претставиме на македонската публика. Има повеќе причини што се решив за текстот на „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“. Уште во студентските денови работев на претстави кои беа засновани на идејата дека можеби љубовта или копнежот по љубовна хармонија е недостижен, а од друга страна дека нема човечко битие што не мечтае за взаемна љубов“, вели Абаџиева.
Режисерката објаснува дека денеска убавината е претворена во култ- младите се поистоветуваат со убавината на моделите што ги гледаат на билбордите, наспроти тоа е приказната за Квазимодо и Есмералда. „Тоа е суштината што ме привлече да ја работам оваа претстава“, рече Абаџиева.
