ФИФА ја тресе корупциски скандал

27.05.2015 16:04

Полициската акција е резултат на тригодишна истрага на ФБИ, а се разгледувале случаи стари и до 20 години. Скандалот ја разниша светската куќа на фудбалот само два дена пред изборот за нејзин претседател...

Корупциски скандал ја тресе Светската фудбалска федерација. Десетмина се уапсени во Цирих поради перење пари, рекетирање и измама, меѓу нив и неколку челници на ФИФА. Полициската акција е резултат на тригодишна истрага на ФБИ, а се разгледувале случаи стари и до 20 години. Скандалот ја разниша светската куќа на фудбалот само два дена пред изборот за нејзин претседател.

„Ова можеби не е најдобриот момент за ФИФА, но дефитивно го поздравуваме овој процес. Ќе соработуваме со главниот обвинител на Шавјцарија за целосно расветлување на случајот“, изјави Валтер Де Грегорио - портпарол на ФИФА.

На долгиот список уапсени се најдоа и претседателот на Фудбалската федерација на Костарика, претседателот на Конкакаф-зоната, членови на извршни одбори, лица одговорни за маркетинг. Претседателот на ФИФА, Сеп Блатер и генералниот секретар Џером Валке не се вмешани.

„Длабоко сум шокиран, како и целиот свет, а пред се сум многу тажен поради имиџот кој го добива фудбалот. Ако фактите докажат дека има корупција тоа ќе биде мошне сериозно. Би сакал швајцарската полиција и правниот систем случајот да го дотуркаат до крај“, изјави Фредерик Тириез – претседател на Француската фудбалска федерација.

По објавувањето на имињата на осомничените и приведените, се шпекулираше дека ќе има прегласување за организатори на наредните две првенства, сепак светските првенства во Русија и во Катар закажани за 2018-та и 2022-ра се сигурни и ќе се одржат.