Колкава напојница да се остави во одреден дел од светот
28.05.2015 12:03
На напојницата во одредени земји од светот сосема поинаку се гледа. Некои, ако не ја добијат ќе се навредат, додека други, пак, со добивањето ќе бидат навредени...

Убаво е чувството да се награди келнерот по добрата услуга, но дали е тоа вообичаено и потребно во секоја земја? На напојницата во одредени земји од светот сосема поинаку се гледа. Некои, ако не ја добијат ќе се навредат, додека други, пак, со добивањето ќе бидат навредени. За да не погрешите со напојницата, еве Ви го краткиот водич.
Франција
Во рестораните и кафулињата вообичаено се дава напојница 10 – 15 отсто од износот на сметката. Се остава на масата, а се нарекува „пурбоар“. Во хотелите напојница не се остава, но се остава во такси, каде обичајот е таксистот да се почести со 10 отсто од вредноста на возењето.
Италија
Во рестораните не е задолжително давањето бидејќи на сметката напојницата се става однапред, а се нарекува „коперто“. Секако, ако сте исклучително задоволен, келнерот нема да се побуни со некое евро повеќе на масата. Во кафулињата за напојница постојат главно касички на шанкот. Што се однесува до хотелите, во ред е да се почести собарката со пет евра доколку останете една недела.
Шпанија
Кога јадете надвор во оваа земја, настојувајте да оставите 10 – 15 отсто повеќе од вредноста на сметката. Не треба да оставате неколку центи, со оглед на фактот дека тоа се смета за навредливо. Во такси цената се заокружува на првата поголема округла бројка.
Турција
Во рестораните оставете барем 10 отсто повеќе, а се смета многу непристојно да се отиде без никаква напојница. На собарките и на носачите им се дава напојница од едно евро, а во такси возилата обичајот е ист како и во Шпанији.
САД
По ручекот, вечерата или некој друг оброк, секако треба да оставите напојница од 15 – 20 отсто бидејќи платите на келнерите се многу ниски, и практично тие навистина живеат од напојниците. На носачот на багаж му се дава долар - два по однесен кофер, а на собарките, исто така, толку по ден престој во собата. Во такси вообичаено е да оставите 15 отсто од вредноста на возењето.
Кина и Јапонија
Овде напојниците не постојат - давањето напојница во хотел што не припаѓа на некој од меѓународноте синџири на хотели се смета дури и за навредливо. Сепак, во кинеските туристички центри можете да оставите 10 отсто, а, исто така, да ја почестите и собарката. Во Јапонија не оставајте пари, туку подобро е да се оддолжите со ситен подарок.