Севилја во екстаза, Дњипро тагува
Со златни букви испиша историска страница во Лига Европа, иако во финалето во Варшава вложи повеќе напор за да го победи Дњипро отколку што се предвидуваше. Покрај пехарот го доби и џек-потот – директен пласман во групната фаза од Лигата на шампионите...

Севилја рекорден четврти пат ја достигна славата во омиленото натпреварување. Со златни букви испиша историска страница во Лига Европа, иако во финалето во Варшава вложи повеќе напор за да го победи Дњипро отколку што се предвидуваше. Покрај пехарот го доби и џек-потот – директен пласман во групната фаза од Лигата на шампионите.
„Неверојатни се овие наши успеси. Дњипро силно не притискаше, но клуч на нашиот успех беа солидарноста и заедништвото. Бака даде два гола и беше наш херој, но кога победуваме, сите победуваме“, изјави Даниел Карико, рекордерот според бројот на настапи во Лига Европа.
Оддавајќи му признание на Дњипро, Алекс Видал рече секогаш верувал во тимот и оти и по првиот примен гол бил убеден дека се ќе заврши добро. „Најважно за мене е што добивме награда за огромниот труд. А може ли признанието да биде поголемо од тоа што ќе играме во шампионската лига“, рече Видал.
Поразот го разочара Дњипро, но објективно, екипата којашто симболично ја обедини Украина, не можеше повеќе.
„Не го освоивме трофејот, но сезоната може да ја оцениме како успешна. Бевме блиску до титулата, но Севилја е пресилна. Не ни дозволи да ја играме нашата игра и ги казни нашите грешки“, рече капитенот Руслан Ротан.
„Направивме неверојатни нешта, победивме големи екипи, но која е поентата на сето тоа кога ќе загубите во финалето“, се праша напаѓачот Јевхен Селезњов. „Го загубивме најважниот натпревар во кариерите, ваква шанса само еднаш се укажува“, го опиша тој емотивното празнење низ коешто минаа фудбалерите на Дњипро, тимот којшто и даде специфичен белег на годинашната сезона во Лига Европа.
