Друловиќ освежи, но драстично не промени
„Целта е да создадеме добра база, а не репрезентацијата постојано да се менува. Играчите треба да бидат со добри карактери и професионалци, а не само добри фудбалери“, вели Друловиќ...

За настап на претстојното гостување во Жилина конкурираат 23-ца фудбалери. Селекторот Друловиќ освежи во секоја линија во тимот со исклучок на најистурените во нападот, иако реализацијата е една од нашите најголеми слабости.
„Целта е да создадеме добра база, а не репрезентацијата постојано да се менува. Играчите треба да бидат со добри карактери и професионалци, а не само добри фудбалери“, вели Друловиќ.
На голманското место Пачовски ќе треба да им го пренесе искуството на Гачевски и на Димитриевски. Димитровски од Керкира и Жута од Хакен се новаците во одбраната во којашто се враќа и Мојсов. На подготовките на 5-ти јуни ќе се појават и Шиков, Тодооровски, Ристевски, Ристовски и Алиоски. Спировски, Стјепановиќ и Муарем повторно ќе бидат дел од средниот ред, а во таа фаза ќе дејствуваат и Адеми, Трајчевски, Трајковски, Абдурахими, Хасани и Ибраими. Ивановски, Велковски и Костовски се во триото шпицеви. Пандев се уште не е подготвен и во заеднички договор селекторот нема да смета на него за натпреварот во Словачка.
„Јас да не верував дека можеме да оствариме добри резултати, немаше да се нафаќам на работата. Словаците играат со 13-14 фудбалери, имаат база, тим со неколку врвни фудбалери, и не е случајно тоа што се први. Тие се фаворити, но ние ќе се подготвиме“, Друловиќ пренесува оптимистички ноти.
По пет натпревари во квалификациите за Европскиот шампионат во Франција, Македонија е петта, претпоследна во групата, а Словаците се први со максимален биланс и со триумф над Шпанија. До крајот на циклусот ќе ги пречекаме Шпанија и Украина, а ќе патуваме во Луксембург и во Белорусија.
