Бубакар Траоре вечер на ОФФест
Траоре, популарно наречен Кар Кар, е еден од последните големи изведувачи кои својата кариера ја почнале во раните денови на независноста на Мали...

На ОФФест вечер во Кино Фросина, МКЦ, настапува блуз-гитаристот Бубакар Траоре од Мали. Пред концертот ќе биде прикажан документарниот филм „Ќе пејам за тебе” на режисерот Жак Сарасин.
Траоре, популарно наречен Кар Кар, е еден од последните големи изведувачи кои својата кариера ја почнале во раните денови на независноста на Мали. Неговата музика, инспирирана од локалниот традиционален стил „касонке“ и од блузот, во тоа време, шеесеттите години, била постојано емитувана на радио станиците, поради што станал и национална фигура.
Денес Траоре е препознатлив по својот уникатен блуз стил, оригинален гитарски израз збогатен со фолк и поезија. „Мбалимаоу“ е неговиот најнов негов албум снимен во Бамако, каде што живее и работи. Објавен е во февруари годинава, а изобилува, како што велат критичарите, со нежен свинг, поезија и грациозност.
Фестивалот почна синоќа со концертите на пост-рок составот „Џамбинаи“ од Јужна Кореа и на Басеку Кујате, мајсторот на традиционалниот инструмент „нгони“, и неговиот еклектичен состав „Нгони Ба“.
ОФФест продолжува утре со португалската фадо-уметница Лула Пена и кантавторката Хинди Зара, по потекло Мароканка. Задутре, вечерта е резервирана за македонската етно-ризница која ќе биде претставена од „Чалгија саунд систем“, а на 1 јуни фестивалот завршува со светската музичка сензација - виртуозните музички бунтовници „Тинаривен“, откако претходно публиката ќе има можност да го види документарецот „Последната песна пред војната“ (The Last Song Before the War).
