Спасени 741 емигрант во близина на Сицилија

29.05.2015 16:25

Повеќето од патниците се жени и деца. Според информациите, емигрантите доаѓале од Либија...

Драма на Средоземното Море. Италијанската крајбрежна стража во близина на Сицилија успеала да спаси 741 емигрант кои биле префрлени на шест брода. Повеќето од патниците се жени и деца. Според информациите, емигрантите доаѓале од Либија.

„Кога ме фатија властите, им кажав- или ќе ме убиете или ќе ме вратите во мојата земја, немам друг избор“, вели еден од емигрантите.

„Понекогаш сум лута, навистина сум лута. Треба да се однесуваме меѓу себе како луѓе, а не како животни“, вели една жена.

Криумчарењето  луѓе преку Средоземното Море е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат земјите од Европската Унија, бидејќи крајната дестинација на патниците се токму тие. Затоа Унијата борбата со емигрантите ја стави на листата на десетте најважни политички приоритети.

„Мора да дејствуваме многу брзо и да го спречиме криумчарењето на луѓе. Ќе преземеме конкретни мерки за 40.000 баратели на азил. Мора да им подадеме рака на сите што им е потребна“, изјави Димитрис Аврамопулос, еврокомесар за миграција.

Унијата во минатиот месец одржа вонреден состанок на највисоко ниво и реши да ги зајакне морските контроли во борбата со криумчарење луѓе. Според проценките, повеќе од 60.000 луѓе се обиделе да го минат Средоземното Море во изминативе шест месеци. Најмалку 2.000 не стигнале до крајната дестинација.

Според податоците на Меѓународната организација за мигранти, бројот на жртвите кои починале на пат кон европскот тло е за 30 насто поголем во однос на лани. Лошата безбедносна состојба во Сирија, Нигерија и Сомалија е главната причина поради која луѓето бегаат кон европскиот континент.

 

Марија Петковска