Лула Пена и Хинди Зара вечерва на ОФФест
30.05.2015 11:38
Утре вечерта на ОФФест е резервирана за македонската етно-ризница која ќе биде претставена од „Чалгија саунд систем“...

На ОФФест вечер во МКЦ настапуваат португалската фадо уметница Лула Пена и кантавторката Хинди Зара од Мароко.
Длабокиот и остар, истовремено чувствителен вокал, природниот спој на фадо-корените со боите на португалската фолк-музика, француската шансона, традиционалната морна, бразилската боса нова и артикулираната изведба на гитара, се карактеристиките на големиот музички талент на Лула Пена која пред скопската публика ќе го претстави својот нов репертоар.
Хинди Зара по потекло Мароканка, денес живее во Париз. Многумина ја сметаат за постмодерна Били Холидеј. Растела со разновидни музички жанрови – од рок и реге до традиционалната музика на Берберите. На „Офф-фест“ Хинди Зара ќе го промовира новиот албум „Homeland“, објавен во април годинава. Во 2014 година Зара имаше улоги во филмовите „The Narrow Frame of Midnight“ на Тара Хадид и во „The Cut“ на Фатих Акин.
Утре вечерта на ОФФест е резервирана за македонската етно-ризница која ќе биде претставена од „Чалгија саунд систем“, а на 1 јуни фестивалот завршува со светската музичка сензација - виртуозните музички бунтовници „Тинаривен“, откако претходно публиката ќе има можност да го види документарецот „Последната песна пред војната“ (Тhe Last Song Before the War).
