Евтините авиобилети примамливи за туристите

30.05.2015 17:27

Со авионски билет по цена од 20 до 50 евра кој е речиси поевтин и од автобуска карта, нискобуџетните авиокомпании го освојуваат македонското небо...

Нискобуџетните компании и евтините авиобилети  ја зголемија фрекфентноста на аеродромите. Со авионски билет по цена од 20 до 50 евра кој е речиси поевтин и од автобуска карта, нискобуџетните авиокомпании го освојуваат македонското небо.  Патувањето за македонските граѓани до европските дестинации  е  полесно. Истанбул е најбараната дестинација. До крајот на годинава ќе има 31 директна воздушна конекција до Европа.

Евтин авиобилет може да се купи од дома по електронски пат, но и преку агенциите. Сега засега има само чартер летови за туристичките места во Турција, но по стандардна цена од комерцијалните компании, вели менаџерот за продажба во туристичка агенција, Сузана Зелениковска.

Асоцијацијата на туристички агенции веќе размислува за соработка со нискобуџетната авиокомпанија Визер со цел евтините билети да станат достапни и за туристите, вели Дејан Вељанов, сопственик на туристичка агенција.

Со државни субвенции од пет милиони евра се раздвижи сообраќајот и на двата аеродрома и се зголеми бројот на туристи.

Во 2013 година биле доделени нови 86 милиони денари, а лани 125 милиони денари субвенции. Плановите се за неколку години бројката на патници на годишно ниво да се искачи на два милиони.

Според анализите, најпосетена дестинација од аеродромот во Скопје бил Истанбул, по него следат Виена, Цирих, Лондон и Базел. Визер учествува со 50 проценти од вкупниот сообраќај.

 

Дијана Ценевска