Италијанската полиција спаси 4.200 емигранти

30.05.2015 16:42

Во бродовите биле најдени и 17 трупа. Официјалните лица се уште ги утврдуваат причините за смртта на емигрантите, но соопштија дека луѓето кои преживеале биле во многу лоша состојба...

Во координирана 24 – часовна акција италијанската полиција спаси 4.200 емигранти кои со бродови преку Средоземно Море сакале да стигнат до европско тло, но силната бура им го отежнала патот.

Крајбрежната стража повиците за помош ги добила доцна во ноќта. Во меѓународната акција „Тритон“ во која учествувале покрај четири брода на италијанската морнарица биле вклучени и германски и ирски бродови.

Во бродовите биле најдени и 17 трупа. Официјалните лица се уште ги утврдуваат причините за смртта на емигрантите, но соопштија дека луѓето кои преживеале биле во многу лоша состојба.

Повеќето биле дехидрирани, гладни и изнемоштени. Меѓу патниците имало и голем број деца. Се поактуелни се апелите од европските земји да се најде решение за проблемот со бранот бегалци од кризните жаришта. 

„Во данска може да се слушнат различни ставови за емигрантите, но ние за тоа отворено зборуваме, и имамае различни погледи на слободата и демократијата. Некои луѓе велат дека тоа е најголем проблем со кој се соочува Европа во моментов“, изјави Мартин Хенриксен.

Во Италија од почетокот на годината преку Средоземното Море пристигнале повеќе од 40.000 емигранти, повеќето од Сирија и Либија. Меѓународната организација соопшти дека според статистиките повеќе од 2.000 починале на тешкиот и неизвесен пат до копното.

 

Марија Петковска