Нов блесок на „Дијамантската лига“
На тартанот во еден од најголемите американски атлетски ценри, беа избрусени повеќе врвни резултатски остварувања...

Третиот митинг од „Дијамантската лига“ во Јуџин само ги потврди предвидувањата дека претстои одлична атлетска година. На тартанот во еден од најголемите американски атлетски ценри, беа избрусени повеќе врвни резултатски остварувања. Французинот Рено Лавилени, откако победи во скок со стап со 6.05 надминувајќи ја магичната граница во оваа дисциплина, ја крена летвичката на 6.16 на височина од нов светски рекорд, но не успеа да ја совлада.
Одново високо полета и новата ѕвезда во скок во височина Катарецот Мутаз Баршим, победувајќи надмоќно со прескокнати 2.41. Американските спринтерски ветерани трчаат во голема форма. Џастин Гетлин беше недофатлив на 200 метри со извонредни 19.68! Тајсон Геј ја доби својата промотивна трка во сезоната на 100 метри со одлични 9.88. Актуелниот олимписки победник на 400 метри Кирани Џејмс од Гренада, беше недостижен за големиот конкурент, Американецот Ле Шон Мерит со 43.95 секунди, што е најбрза трка во оваа сезона во светот.
Најдобрата спринтерка на денешницата Шели- Ен Фрејзер Прајс од Јамајка полека ја постигнува посакуваната брзина. Таа победи во женската „стотка“ со 10.81 секунди. Етиопјанката Гензебе Дибаба имаше соло трка на 5000 метри со време од 14:19.86 минути. Јуџин само се надоврза на двата претходни митинга од Доха и Шангај со силна натпреварувачка конкуренција и врвни резултати. Следниот митинг од „Дијамантската лига“ е на 5 јуни во Рим.
