Презентација на македонската уметност во Вашингтон

31.05.2015 18:25

Македонска музика, поезија и уметнички дела од македонска сликарка беа претставени во Вашингтон во чест на обележувањето на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. Изложбата наиде на одличен прием кај Американците...

Македонската култура, уметност и поезија беа претставени пред американската публика во Вашингтон.

„Ја сакам Македонија и ми се допаѓа она што го чув за земјата. Колку повеќе учев за Македонија повеќе ми се допаѓаше и интересираше земјата, луѓето, храната“, вели д-р Ина Вон Бер-претседател на компанија.

Посетителите можеа да ја видат изложбата насловена како „Нов почеток“ на македонската сликарка Дивна Пешиќ со наградени дела во САД. Едно дело на нашата сликарка поседува и британската кралица.

„Некои од моите дела имаат освоено награди. Поточно овде може да ја забележите првонаградената слика на Американ артс авордс. која е навистина голем успех за мене и за Македонија пред се, бидејќи е прва во светот за аспрактен експресионизам“, вели Дивна Пешиќ Грозданов-македонска сликарка во Њујорк.

Поезија на македонски и англиски јазик читаа двајца млади македонски поети, а гостите можеа да се запознаат и со богатството на поезијата на Блаже Конески.

„Мене ме инспирира секојдневниот живот. Посебно фактот дека живеам во Америка и како е да се живее во странство, а сепак да се задржи македонскиот идентитет“, изјави Наташа Гарет- македонска поетеса.

Пишувам за среќата, за тагата, за носталгијата, за времето, за се она што ме инспирира околу мене“, вели Жикица Паговски- македонски поет.

Освен што студираат меѓународна политика, економија и компјутерски науки на универзитетот во Питсбург Пенсилванија, македонските студенти Бобан Петровиќ, Васе Митев и Митко Николов свират македонска музика што ја презентираа и пред американската публика во Вашингтон.

„Јас сум на универзитетот Дукејн. Таму е и асамблот Тамбурисанс каде покрај источноевропскиот фолклор го изучуваме и македонскиот и настапуваме низа Америка“, изјави Бобан Петровиќ- македонски студент.

Со презентацијата на македонската култура во македонската амбасада во Вашингтон се обележа Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.

За преставување на македонската култура во Вашингтон беа заинтересирани голем број на Македонци од повеќе амеикански држави, но и голем број на Американци.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ