„Импулс 2“ на пат кон Хаваите

31.05.2015 18:34

Соларен авион со план да го прелета Пацификот од кинескиот град Нанџинг до Хаваите. Летот беше закажан за минатата недела, но беше одложен поради неповолните временски услови над Тихиот Океан, кои ќе го успореа и ќе го принудеа авионот да скршне од првобитниот курс...

Експерименталниот соларен авион „Импулс 2“ продолжува со патувањето. Овој пат подвигот е да го прелета пацификот од кинескиот град Нанџинг до Хаваите. На „Импулс 2“ ќе му биде потребно долволно сончева енергија за патувањето кое би требало да трае последователни 6 дена и 6 ноќи.

„Се чувствувам привилегиран што сум дел од овој лет. Сигурен сум дека искуството ќе биде фантастично“, вели Андре Боршберг – пилот.

Швајцарскиот пилот и еден од конструкторите кои го создадоаа „Импулс 2“, Андре Боршберг, верува дека летот ќе помине добро, и покрај тоа што ќе треба да се откаже од спиењето за успешно пилотирање.

„Немаше да тргнам ако се сомневав. Многу сум сигурен. Знам дека ситуацијата ќе биде поинаква од таа што ја претопоставуваме, но сметам дека имаме алат за да се приспособиме и тим што ќе одреди каде да одиме. Убеден сум дека ќе стигнам до Хаваи“, вели Боршберг.

Летот беше закажан за минатата недела, но беше одложен поради неповолните временски услови над Тихиот Океан, кои ќе го успореа и ќе го принудеа авионот да скршне од првобитниот курс.

Импулс два е тежок колку еден автомобил, но распонот на крилата му е како на најголемиот патнички авион. Се движи со брзина од 50 до 100 километри на час.