Обрван објави поширок список за решавачките натпревари за пласман на ЕП во Полска

Со најдобрите против Швајцарија и против Чешка

01.06.2015 14:57

На него се сите коишто беа во комбинација и за априлскиот двомеч со Франција, со исклучок на повредениот Марко Нелоски...

На десетина дена пред клучните квалификациски натпревари со Швајцарија и со Чешка, за пласман на Европското ракометно Првенство во Полска, селекторот на најдобрата македонска репрезентација Ивица Обрван објави поширок список со 28 играчи.

Тоа е неговиот главно стандарден избор откако го предводи нашиот национален тим. На него се сите коишто беа во комбинација и за априлскиот двомеч со Франција, со исклучок на повредениот Марко Нелоски. На негово место на листата се најде бекот на Адемар Леон, Дарко Димитриевски. Од неа, претстојните денови обрван ќе го скрати списокот со ракометарите коишто ќе дојдат на подготовки и коишто потоа ќе заминат за Сент Гален.

Решавачките натпревари Швајцарија-Македонија на 10 јуни и Македонија-Чешка на 14 јуни, во коишто нашата репрезентација очекува две победи за да се пласира на континенталниот шампионат во јануари 2016, ќе ги гледате во директни преноси на Македонската Телевизија.