Нови вработувања: Во тек се огласи за пет активни мерки
Надлежните велат дека имаат мерки за сите невработени без разлика на старосната граница или каков статус имале во минатото...

30.000 домаќинства - корисници на социјална парична помош во наредените 30 дена ќе можат да аплицираат и да добијат на користење земјоделско земјиште до 3 хектари. Оние кои ќе добијат земјоделско земјиште и ќе се регистрираат за земјоделци, две години нема да ја изгубат социјалната парична помош.
„Ова е дополнителен поттик за сите оние приматели на социјална парична помош кои сакаат да работат како земјоделци, да аплицираат на овој оглас кој е објавен ос трана на Владата на РМ“, вели министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Освен огласот за давање на плодоуживање на земјиште, во тек се и огласите за четирите активни мерки за самовработување со кредитирање. Надлежните велат дека имаат мерки за сите невработени без разлика на старосната граница или каков статус имале во минатото.
„Секогаш имаме поволни можности за оние кои некогаш биле стечајни работници, или биле технолошки вишок од некоја компанија, сега тие имаат дополнителен стимул. Тие покрај 3.000 евра кои се даваат за самовработување, добиваат дополнителни 1.000 евра за кредит којшто се дава зависно каков проект ќе има направено од три до пет години“, вели Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување на РМ.
За активните мерки за самовработување од 2007-ма до 2014-та година, аплицирале 7.311 лица. Од нив се уште работат 3.828. Додека пак, 2.139 млади до 29 години аплицирале за кредит. Досега се вработени 1.338.
Наташа Јанчиќ
