Со практична работа до квалитетен стручен кадар

01.06.2015 16:24

Претседатетолот на Советот на странски инвеститори се надева на брзо решавање на политичкото прашање и враќање на работите во нормала...

Политичката криза не влијае на производниот процес, продажбата и профитот на старите инвеститори во земјава. Ризик постои за идните вложувања. Претседатетолот на Советот на странски инвеститори се надева на брзо решавање на политичкото прашање и враќање на работите во нормала.

„Странските компании кои веќе работат во Македонија, не се под влијание на политичката криза. Сите производствени процеси, профитите и продажбата на производите не е засегната од политичката криза. Се разбира дека тековната политичка ситуација предизвикува загриженост за идните инвестиции во земјава, меѓутоа јас искрено се надевам дека наскоро ќе се реши ова прашање“, изјави Хуан Педро Наваро, претседател на Советот за странски инвеститори.

Советот на странски инвеститори покренува иницијативи за развој на стручното образование кои ќе придонесат за создавање квалификуван кадар во меѓународни рамки. Со потпишување Меморандум за соработка со Машинскиот факултет се отвораат вратите на студентите за практична работа во странските компании и нивните истражувачки центри.

„Веќе трета година одиме со нови студиски програми кои се подготвени согласно потребите на пазарот на трудот. Едноставно и самите правиме евалуација да видиме што е она што му е потребно на стопанството“, вели Атанас Кочов, декан на Машинскиот факултет.

Лани 75 проценти од студентите кои завршиле на Машинскиот факултет нашле работа, од нив меѓу 12 и 15 отсто се вработиле во некој од странските капацитети во земјава. Факултетот веќе десетина години има воведено практична работа, а дипломите се признати насекаде во светот.

 

Сунчица Николоска