Фудбал - СП до 20 години

Америкаците први осминафиналисти

02.06.2015 16:16

Шансите на Нов Зеланд да стигне до едно од четирите - трети места коишто, исто така носат осминафинале, е дуелот од последното коло против Мианмар којшто загуби од Украина со 6:0...

САД се првите осминафиналисти на Светското првенство за фудбалери до 20 години во Нов Зеланд. Со две победи, Американците веќе освоија доволни шест бода во групата А, откако го совладаа домаќинот со 4:0. Два гола постигна Рубин, по еден Хајндман и Ариола за продолжување на традицијата според којашто Америка обезбедува пласман во нокаут сегментот на сите осум јуниорски мундијали на коишто настапи.

Шансите на Нов Зеланд да стигне до едно од четирите - трети места коишто, исто така носат осминафинале, е дуелот од последното коло против Мианмар којшто загуби од Украина со 6:0. Сите голови европскиот претставник ги реализираше во периодот од 51-та до 71-та минута и тоа двапати преку Лучкевич, птоа Јаремчук, Коваленко, Собол и преку Бесједин. Украинците кои имаат четири бода и досега двапати играа во осминафиналето, промашија и пенал.

Ново разочарување приреди главниот фаворит, рекордерот со шест светски титули и актуелен јужноамерикански шампион, Аргентина. Гаучосите загубија од Гана со 3:2, откако во првото коло одиграа само 1:1 со Панама. Финалистот на африканското првенство и мундијалски шампион од 2009-та, Гана имаше водство со 3:0 головите на Тетех, Абоатје и на Јебоа од 11 метри. Во спектакуларен натпревар со вкупно 44 шута кон двата гола, Аргентинците успеаја само да намалат во завршните десет минути со погодоците на Симеоне и на Буендија.

Гана има четири бода исто како и Австрија којашто триумфираше против Панама со 2:1 иако претставникот на КОНКАКАФ имаше предност со голот на Ескобар. Второто место на Австрија во групата Б и го донесоа Хормечеа кој постигна автогол, како и Грубек. Панама избегна сериозен пораз затоашто натпреварот го заврши со девет фудбалери, а Австрија промаши два удара од белата точка.