Реакција на грчкото МНР на интервјуто на Груевски за CNN

15.01.2014 10:54

Интервјуто на македонскиот премиер Никола Груевски за СИ ЕН ЕН ја вознемири официјална Атина

Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, неколку денови по интервјуто во кое што Груевски зборуваше за проблемот што Атина го има со нашето уставно име, со реакција до СИ ЕН ЕН се огласи грчкото МНР.

И додека во интервјуто македонскиот премиер  говореше за фактите, за одбивањето на поканите за средба со Самарас, за пресудата од Хаг и за Времената спогодба, реакцијата на новиот портпарол на грчкото МНР се сведува на старата излитената грчка реторика.

“ Цела генерација во Македонија е затруена со горчливи чувства кон Грција, кој што е брендирана како виновник за целото зло со кое што се соочува нивната земја. Ако Скопје покакаше еднаков степен на посветеност, прашањето со името ќе беше средено”, се вели во реакцијата на портпаролот на грчкото МНР Константинос  Кутрас.

Покрај реакцијата на Кутрас, изјава за СИ ЕН ЕН на оваа тема дал и Курт Волкер, поранешен американски постојан претставник во НАТО, кој што  вели дека Македонците дотуркале далеку и тој сметал дека “тие се подготвени да направат договор за модифицирано име на земјата со цел тоа да биде признаено во меѓународните организации”.

“ Но ова нема да оди толку далеку колку што Грците инсистираат. Тие сакат да сменат се, вклучително и Македонците да го сменат својот устав. Тоа е само пуста желба, тоа никогаш нема да се случи”, вели Волкер.

Петар Стано, портпаролот на еврокомесарот Филе, за СИ ЕН ЕН вели дека Брисел пет години по ред препорачува да се отворат пристапните преговори со Македонија.

СИ ЕН ЕН го завршува текстот со констатацијата дека “со ниската инфлација и очекуван раст од 2, 8 % оваа година, Македонија може да претставува значајна можност за инвеститорите што сакаат да се сместат во југоисточна Европа”.

 По серијата интервјуа на македонскиот премиер дадени за највлијателните светски медиуми и интензивната дипломатска активност, грчките медиуми го критикуваа грчкото МНР и министерот Венизелос дека немаат соодветен одговор на меѓународанта кампања за името на македонската Влада.

Марија Котовска - постојан дописник на МРТ од Атина