Во реката Јангце во Кина потона патнички брод со над 450 патници

02.06.2015 17:17

Власта и агенцијата превозник- во нив е вперен прстот за бродската несреќа во која досега се извлечени живи најмалку 15-мина од 458-те патници и членови на екипажот...

Повеќе од 12 часа се одвива спасувачката мисија. 150 бродови и над 3.000 луѓе освен што трагаат по други преживеани се справуваат и со лошите временски услови. Власта и агенцијата превозник- во нив е вперен прстот за бродската несреќа во која досега се извлечени живи најмалку 15-мина од 458-те патници и членови на екипажот.
 
„Владата треба да ја преземе одговорноста и да ја казни агенцијата која ја предизвика оваа несреќа.“
 
„Го имаме бројот на менаџерот на агенцијата, но тој не одговара на нашите повици.“
 
Како можна причина за несреќата се споменува невремето проследено со силно торнадо. Според првичните информации бродот не испратил повик за помош. Сведоците велат дека за време на несреќата повеќето патници спиеле.
 
Капетанот и главниот инженер кои успеале да се спасат, се однесени на информативен разговор. Семејствата на патниците кои биле на бродот во очајна состојба ги чекаат своите најмили.
 
„Изутрината слушнавме за трагедијата, веднаш им вртевме на нашите роднини, но никој не ни одговори.“
 
Како изминуваат часовите, надежите дека ќе ги видат роднините живи, се се помали. На местото на несреќата пристигна и кинескиот претседател Си Џинпинг.
 
 
 
Марија Петковска