САД: Без позначајни одлуки до крајот на мандатот на Обама
Во последните две години од мандатот на американскиот претседател Барак Обама нема да има позначајни одлуки. Поранешните членови на кабинетот на претседателите Клинтон и Реган оценуваат дека Обама треба да биде претседател којшто ќе знае да направи компромис со Републиканците и да биде поактивен за прашања од меѓународната политика...

Ситуацијата со терористичките групи во Ирак и Сирија, договорот со Иран за нуклеарната програма, нормализација на односите со Куба, мирно решавање на отворените прашања во Европа и во Азија треба да бидат фокус на американскиот Претседател Барак Обама во последните две години од неговиот втор мандат ако сака да го зголеми рејтингот, оценува Сенди Бергер, поранешен советник за национална безбедност во администрацијата на претседателот Бил Клинтон.
„Во Републиканската партија има армија од претседателски кандидати, а во Демократската помалку. Мислам дека ова ќе му оди на штета на Претседателот Обама за исполнување на неговата агенда. Договорот со Иран е добар, треба да ја искористиме подобрувањето на односите со Куба за да ја зацврстиме нашата позиција во Јужна Америка, да ја балансираме ситуацијата во Азија. Има три-четири работи на неговата агенда што се важни, за тешко ќе биде да се исполнат“, изјави Сенди Бергер-поранешен советник за национална безбедност во администрацијата на Бил Клинтон.
Поранешните претседатели Бил Клинтон и Роналд Реган го завршиле вториот мандат со висок процент на поддршка од американските гласачи. Поранешниот шеф на кабинетот Кенет Даберштајн смета дека тајната за популарноста на Роналд Реган била што барал конзенсус за одредени прашања меѓу Американците, а не во Конгресот и во Сенатот.
„Треба да се потсетиме дека имаме еден Претседател и тој е личноста што ја носи одговорноста. Можеби нема да има многу медиумска покриеност на неговата активност до крајот на мандатот, но Претседателот е наш единствен претседател до следната инагуарација на 20 јануари“, вели Кенет Даберштајн, шеф на кабинет во администрацијата на Роналд Реган.
Поранешниот американски претседател Џорџ Буш при крајот на вториот мандат донесе одлука САД да го признаат уставното име на Република Македонија. До крајот на мандатот Барак Обама нема да може лесно да помине закони и одлуки во Сенатот и Конгресот, каде мнозинството се Републиканци. На планот на меѓународната политика, експертите предвидуваат дека можеби ќе има само ново проширување на НАТО.
Во последните две години од мандатот на Барак Обама нема да има позначајни одлуки.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
