Една затворска и три условни казни за демонстрантите од 5-ти мај

03.06.2015 15:19

Една затворска и три условни казни од три месеци, доколку за една година не се повтори делото- пресуда во скопскиот Кривичен суд за третата група демонстранти кои на 5-мај учествуваа во насилните протести пред владата. Тројца го признаа делото, а едно лице е се уште во бегство...

Уште тројца демонстранти  ја признаа вината. Се покајаа, па судот им одреди условни казни од три месеци кои нема да се извршат доколку во период од една година не направат кривично дело. 

Ефективна казна затвор од една година судот му изрече на едно лице кое не и е достапно на полицијата. Бранителот Солаков судењето го оцени како демократско. Самиот вели дека правото на протест е уставно, ама не и дивеењето, такашто судот изрекол казна што ќе ја исполни целта.

Ова беше последната група демонстранти која седна на обвинителната клупа за настаните од 5-ти мај . Вчера им се судеше на  четворица демонстранти. Двајца ја признаа вината и добија условни казни од  три месеци кои нема да се извршат, ако во период од една година не направат друго кривично дело.

За двајцата кои не ја признаа вината, судењето ќе продолжи в петок.

Претходно и се судеше на најголемата група од деветмина- осум од нив добија условна казна, а еден доби деветмесечна затворска казна, зашто бил веќе осудуван.

Седумнасеттемина од протестите пред владата се товареа за кривичното дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие.

 

Фиљана Кока