10 преводи од македонски автори на странски јазик
На конкурсот за странски издавачи што лани го објави Министерството за култура, од вкупно 30-те поддржани преводи, субвенционирани се уште 10 книги на македонски автори на српски, бугарски и шпански јазик. Конкурсот е отворен до крајот на годинава...

„Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска и „Ненасловена месечева соната“ од Давор Стојановски се дел од вкупно 10-те преведени книги од македонски автори, на шпански, бугарски и српски јазик, од вкупно 30-те поддржани на конкурсот за финансирање преводи на Министерството за култура. Младите автори истакнаа дека ова за нив е од особена важност со оглед на тоа дека нивните книги за прв пат се преведени на странски јазик.
„Оваа поддршка е секогаш добредојдена, особено за младите автори. Мене ми е задоволство што ова е првиот превод на Вишнова хроника и се надевам дека нема да застане тука“, вели младата писателка Фросина Пармаковска.
„Радосен сум што комисијата ги одбра нашите дела, па сега се надевам дека ќе допрат до публиката и ќе има резултат“, рече писателот Давор Стојановски.
Бројот на поддржани преводи од најрепрезентативните дела од македонската литература рапидно се зголемува, а тој тренд ќе продолжи и во иднина, вели министерката Канческа.
„Од објавувањето на првиот конкурс во јануари 2014 година до денеска до Министерството за култура се доставени 67 апликации од 38 издавачки куќи од цела Европа, што доволно говори за интересот на меѓународната културна јавност за македонската литература и нејзините врвни достигнувања“, изјави министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска.
Околу 20.000 евра чинат преводите на новите десет книги. Бројката на поддржани апликации од оваа стимулативна мерка за 2014-та и 2015-та година се заокружува на 40 дела од 30 македонски автори кои ќе бидат преведени на 16 странски јазици.
Александра Перевска
