Бесплатен одмор за 2.000 деца од социјално ранливите семејства

03.06.2015 15:54

Министерството за труд и социјална политика испрати повик до сите кои сакаат да летуваат на сметка на државата да се пријават во наредните 10 дена. Пријавените кои ги исполнуваат условите ќе можат да се рекреираат и одмораат една недела...

Две илјади дечиња од социјално ранливите семејства и годинава ќе уживаат бесплатно на Охридско Езеро. Министерството за труд и социјална политика испрати повик до сите кои сакаат да летуваат на сметка на државата да се пријават во наредните 10 дена. Пријавените кои ги исполнуваат условите ќе можат да се рекреираат и одмораат една недела.

„Децата од семејствата со социјален ризик, децата од семејствата приматели на социјална парична помош, децата без родители и родителска грижа, децата со пречки во развојот од петто до деветто одделение четврта година по ред ќе заминат на бесплатен летен одмор. Имаат право да аплицираат родителите на деца со пречки во развојот“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Родителите треба да поднесат само барање за бесплатен летен одмор до Центрите за социјални работи, понатаму целата постапка ќе ја води ресорното министертво. Доколку до 17-ти јуни не се исполни предвидениот број од 2.000 деца, рокот за аплицирање ќе биде продолжен.

9.000 деца досега ја искористиле оваа можност. 6.000 биле на летување, 3.000 на зимување. За реализација на овој проект се обезбедени 8 милиони денари.

 

Наташа Јанчиќ