Ховит: Ќе има “македонски” во Резолуцијата на ЕП

15.01.2014 12:15

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит, изјави за дописникот на МИА од Брисел дека се наоѓа под голем притисок за отстранување на придавката “македонски” од Резолуцијата за земјата, но потврди дека ќе се избори таа, сепак, да се најде во документот.

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит, изјави за дописникот на МИА од Брисел дека се наоѓа под голем притисок за отстранување на придавката “македонски” од Резолуцијата за земјата, но потврди дека ќе се избори таа, сепак, да се најде во документот. Британскиот европратеник поднесе најмногу амандмани -  25 на сопствената предлог-Резолуција, при што во еден од амандманите, самиот бара бришење на единствената придавка “македонски” што се однесува на “загриженоста што се помалку албанските деца го учат македонскиот јазик” и сега “изразува загриженост што младите во нашата земја помалку го изучуваат јазикот на другите”. На прашањето за неговата интервенција и бришење на “македонски јазик”, Ховит одговори дека интервенцијата за бришење на “македонскиот јазик” била од Македонија, а не од Грција.

- Мојот предлог, како и лани , е дека зборот “македонски” ќе се најде во мојот конечен текст на Резолуцијата. Сетете се дека мојата препорака доведе до тоа Европската комисија, исто така, да ја користи придавката во нивните извештаи за напредокот. Се разбира, точното место каде во Резолуцијата ќе се најде придавката ќе зависи од конечното гласање на ЕП, а промената што  сега ја барам ја одразува само мојата желба да ги почитувам предлозите до мене од сите етнички групи во земјата. Мојата посветеност на ова прашање останува непроменета“, вели Ховит.

Британецот  потврдува дека придавката “македонски”, сепак, ќе се најде и во последната Резолуција што Европскиот парламент ќе ја изгласа во сегашниот состав

Инаку, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, в понеделник по последен пат ќе расправа за предлог-Резолуцијата за Македонија, а по поднесените амадмани, ден потоа за истата ќе се гласа. Сите пратеници во Европарламентот, пак, својот глас за последната Резолуција за нашата земја во сегашниот состав ќе го дадат на почетокот на идниот месец, на пленарна седница во Стразбур, Франција, информира МИА од Брисел.