Владата го решава проблемот на 20.000 осигуреници на ФЗОМ
Со законското решение се врши ослободување од кривично гонење на лицата за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело употреба на исправа со невистинита содржина, односно на лицата кои што во постапката за пријавување во здравственото осигурување пред Фондот поднеле изјава со невистинита содржина...

Владата го решава проблемот на 20 илјади осигуреници на Фондот за здравствено осигурување. Со законското решение се врши ослободување од кривично гонење на лицата за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело употреба на исправа со невистинита содржина, односно на лицата кои што во постапката за пријавување во здравственото осигурување пред Фондот поднеле изјава со невистинита содржина за остварените приходи во претходната година.
Според директорот на Фондот, Сашо Стефановски, предлогот е оправдан и исправен и се базира на социјалната правда и правичноста.
„Низ инстутционален дијалог, меѓу Министерството за здравство, ФЗОМ и Владата, утврдиме дека штетата која е направена од оваа категорија на луѓе е незначителна, односно во над 95% од случаите се работи за само неколку илајди денари штета на ФЗОМ, и од тие причини Владата се одзва на повикот на граѓаните и се одлучи за оваа мерка, која се разбира е многу поволна и ќе значи подобра социјална правда и мир за семејствата на над 20 илјади осигуреници на Фондот“, изјави Стефановски.
Предлог законот со кој се регулира оваа материја е веќе усвоен на владина седница, и тој веќе е испратен во Собранието на Република Македонија, потврдија од Владата.
