Стартува електронската проверка на стаж

04.06.2015 16:14

Граѓаните ќе имаат можност за бесплатен пристап преку интернет до податоците за стажот на пензиско осигурување. Проектот го реализираа министерството за труд и Фондот за пензиско осигурување. Потребно е само да земат лозинка во Фондот со што ќе имаат постојан увид во податоците...

51.500 осигуреници ги корегирале и докомплетирале податоците за нивниот пензиски стаж кои Фондот во февруари, преку фирмите, ги испратил до 520 илјади вработени. На овој начин доколку имаат празнини, осигурениците навреме ќе ги регулираат пропустите во стажот. За министерот Спасов, шпекулација се најавите дека преку    докуп на стаж драстично ќе се зголеми бројот на пензионери.

„Шпекулациите не се точни дека наеднаш ќе има 20 илјади пензионери. Тоа не е точно. Можеби во наредните 3, 4 или 5 години да има најмногу до 2 илјади пензионери, доколку ја искористат оваа мерка“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Граѓаните ќе имаат можност стажот да го докупат на рати, а за еден месец неплатен стаж ќе се плаќаат 2.800 денари. Не се остварија ниту најавите дека поради измените во регулативата, дури 100 илјади хонорарци ќе плаќаат пензиско осигурување.

„Во Фондот за ПИОМ поднесени се пријави кои подлегнуваат на плаќање придонес  по основ на договор за дело или авторски договор. Вкупно се поднесени околу 15 илјади пријави, кои се обработени“, вели Амет Даути, в.д. директор на Фондот за ПИОМ.  

На овој начин, според Даути, за 4 месеци во Фондот за пензиско влегле придонеси вредни 40 милиони денари.

 

Свето Николовски