Извоз: Русија ги отвора вратите за македонските млечни и месни производи
Дванаесет компании пројавиле интерес за извоз во Руската федерација каде што овие производи се високо рангирани по квалитет...

Рускиот пазар ги отвора вратите за македонските млечни и месни производи. Дванаесет компании пројавиле интерес за извоз во Руската федерација каде што овие производи се високо рангирани по квалитет.
„На пазарот во Руската Федерација нашите земјоделски производи, месо и месни производи и млеко и млечни производи не се продаваат и од тие причини правиме напори да можеме да ги продаваме“, изјави Михаил Цветков, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Преку посебен систем за безбедност ќе се врши контролата и потеклото на производите. Целта е да се заштитат македонските производи по неколккуте случаи на лажни сертификати, велат од Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор. Во септември се очекуваат првите фитосанитарни инспектори.
„Оваа година поради тој проблем бевме принудени целосно да ги прекинеме испораките на албанските производи, а сега се соочуваме со ситуација во која јаболка од Полска се обидуваат да ги продаваат како македонски јаболка“, вели Алексеј Алексеенко, помошник раководител на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација.
Со потпишувањето на меморандумот се очекува зголемен пласман на месо и млеко што ќе значи и зголемување на примарното производство .
„Се надевам дека до крајот на годинава ќе се изврши извозот на првите македонски производи“, вели Зоран Поповски, дикректор на Агенцијата за храна.
Трговската размена со Русија расте, минатата година се зголемила за 92,8 проценти споредено со 2013-та.
Дијана Ценевска
