20 илјади осигуреници на ФЗОМ нема да се гонат кривично
Лицата потполно се ослободуваат од казната, се брише пресудата и се укинуваат правните последици и за донесените судски пресуди. Директорот на Фондот, Сашо Стефановски вели дека ваквиот предлог закон е исправен и е социјално оправдан...

Фондот за здравствено осигурување има проблем со околу 20.000 осигуреници кои поднеле изјава со невистинита содржина за остварените приходи. Сега со предлог закон, тие се ослободуваат од кривично гонење. Решението предвидува и запирање на веќе почнатите кривични постапки. Лицата потполно се ослободуваат од казната, се брише пресудата и се укинуваат правните последици и за донесените судски пресуди. Директорот на Фондот, Сашо Стефановски вели дека ваквиот предлог закон е исправен и е социјално оправдан.
„Утврдиме дека штетата која е направена од оваа категорија на луѓе е незначителна, односно во над 95% од случаите се работи за само неколку илајди денари штета на ФЗОМ, и од тие причини Владата се одзва на повикот на граѓаните и се одлучи за оваа мерка, која се разбира е многу поволна и ќе значи подобра социјална правда и мир за семејствата на над 20 илјади осигуреници на Фондот“, изјави Сашо Стефановски, директор на ФЗОМ.
Казни нема да има за околу 12 илјади граѓани за кои веќе се почнати постапки и за над 8 илјади кон кои се уште не се стартувани правните процедури. Најголем дел од осигурениците кои ќе бидат ослободени од кривично гонење се од Прилеп, Битола, Струмица и Скопје.
Според Стефановски, Владата подолг период го подготвувала ова законско решение. За да се спроведе треба да го мине уште собранискиот филтер.
Сунчица Николоска
