Гана: Над 90 жртви при експлозија на бензиска станица

04.06.2015 17:12

Поголемиот дел од луѓето побарале засолниште од поројниот дожд под настрешницата на станицата, кога избувнал оган од терминал за камиони во близина и се проширил на бензинската како и на некои околни згради...

Најмалку 96 лица загинаа во експлозија на бензиска станица во главниот град на Гана, Акра. Поголемиот дел од луѓето побарале засолниште од поројниот дожд под настрешницата на станицата, кога избувнал оган од терминал за камиони во близина и се проширил на бензинската како и на некои околни згради. Десетина луѓе се хоспитализирани. Пожарникарите кои се бореле со огнот до изутрината велат дека луѓето немале никаква шанса да побегнат.

„Мислевме дека сме завршиле со откривањето нови тела, но во текот на спасувачката акција под урнатините откривме уште. Така што не можевме со сигурност да кажеме точен број на жртви“, вели Били Анаглејт, портпарол на Националниот Противпожарен сервис.

Десетици мотори и еден автобус полн со патници биле целосно уништени во пожарот. Експлозијата одекнала низ целиот град. Во почетокот не било јасно точно како загинале луѓето, а подоцна се утврдило дека дел од нив се удавиле бидејќи поројниот дожд предизвикал поплави. Претседателот на Гана, Џон Драмани Махама го посети местото на несреќата и загубата на човечки животи ја опиша како катастрофа без преседан. Изрази жалење и истакна дека од глетката останал без зборови. Меѓудругото најави и преземање мерки за да се спречат ваквите катастрофи во иднина. Пожарот предизвикал прекини во електричната енергија во поголемиот дел од градот кој брои околу 4 милиони луѓе. Министерот за комуникации ја опиша ситуацијата како национална воонредна состојба.

Марина Автовска