Пред финалето во Лигата на шампионите
Јувентус не прифаќа да биде аутсајдер
05.06.2015 12:06
„Јувентус е аутсајдер“ – веруваат многумина. Но Торино беше фудбалска престолнина на Европа пред 19 години. Тогаш „бјанконерите“ го кренаа пехарот последен пат...

Берлин некогаш ги делеше двата света, беше огледало на разликите, во него ја исцртаа линијата исток – запад. Годинава линијата ќе биде фудбалска и ќе биде лоцирана на средина на зелениот терен на Олимпискиот стадион. На едната страна ќе стои Барселона, на другата Јувентус. Тоа е суштината на годинашната сезона во Лигата на шампионите – најважниот сегмент од походот на двата клуба.
„Јувентус е аутсајдер“ – веруваат многумина. Но Торино беше фудбалска престолнина на Европа пред 19 години. Тогаш „бјанконерите“ го кренаа пехарот последен пат. Јуве е гигант во глобални рамки, ќе го игра осмото финале во елитната конкуренција на УЕФА, во својот состав има четворица коишто веќе го креваа престижниот пехар. Пирло, Тевез, Евра, Мората беа на врвот, Буфон сонува за него. Тоа се страшни фудбалери, победници и верници.
Јувентус нема пораз девет европски натпревари по ред, се прошета низ Серија А, го собра и италијанскиот куп. Самодовербата е на врвот! Кога ако не сега до тројна круна? Кога ако не сега до трет трофеј во Лигата на шампионите? Затоа дури и да треба да се помири со улогата на аутсајдер, тоа е поради големата Барселона и нејзиниот придонес во развојот на фудбалската игра. „Притисок постои, постои и војла. Кога играте финале, не се брои кој е фаоворит, а кој не е“, вели Џорџо Кјелини.
А и што останува друго освен да помага со зборови, со мотивација, со креирање амбиент. Дефанзивецот на Јуве се повреди и сигурно е дека нема да игра во берлинското финале. Тоа е тежок удар за тимот на Алегри. Навидум, решението е лесно, Барѕаљи ќе застане до Бонучи, Италинајец до Италијанец во стоперското дуо пред Буфон. Но, Кјелини е втор тркач според километражата во Лигата на шампионите сезонава. Прв е Лихтштајнер, трет Видал, а вкупно шестмина од Јувентус се меѓу првите десет. Ете го можниот одговор на прашањето како може торинскиот тим да парира и да стигне до 11-от интернационален трофеј во купската историја испишана од неколку извонредни генерации.
Платини и соиграчите го заработија статусот европски прваци пред точно три децении, а Дел Пјеро беше инспиратор за вториот трофеј во 1996-та. Сезонава може да бид историска, прва со три дијаманти на круната. Но наспроти желбите и празните страници на црно-белиот алманах коишто чекаат пополнување, на другата страна на линијата на “Olimpiastadium” е Барселона. Нечиј „берлински ѕид“ ќе попушти. А ние ќе уживаме во фудбалската суштина.
Тони Стојановски
