Јубилеј: 70 години постоење на Државниот завод за статистика
Оваа институција располага со современ систем и кадар што овозможува следење и анализа на сите статистички појави од интерес на земјава...

Државниот завод за статистика со свечена академија одбележува 70 години постоење. Оваа институција располага со современ систем и кадар што овозможува следење и анализа на сите статистички појави од интерес на земјава.
„Државниот завод за статистика има значајно место во процесот на евроинтеграцијата на Република Македoнија. Оценките на ЕУ, како и оценките на останатите светски и европски организации и институции, за напредоткот на државата во сите сфери на социо- економскиот живот, во голем дел се базираат врз статистички показатели. Оттаму произлегува неопходноста, податоците на Заводот да бидат меѓународно споредливи и мерливи“, изјави директорката на Државниот завод за статистика, Лидија Костовска.
Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, истакна дека владата го следи развојот на ДЗС и оценува дека нивото на усогласеност на македонското со европското законодавство од областа на статистиката е задоволително и од година во година се зголемува. Тоа е евидентно и во оценките на ЕК во сите годишни извештаи.
