Средба на министерот Попоски со претставници на ОБСЕ
На средбата било посочено дека интеграцијата на Р. Македонија во ЕУ би придонела за надминување на предизвиците со кои се соочуваме во моментов, а кои можеби и не би постоеле во различен контекст, доколку бевме членка на НАТО и ги започневме преговорите за членство во ЕУ...

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денес оствари средба со специјалниот претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа, Роберто Батели кој беше придружуван од амбасадорот Андреас Нотеле, специјален претставник на Парламентарното Собрание на ОБСЕ во Виена.
Министерот Попоски ја нагласи континуираната определба на Република Македонија за европската и евро-атлантската интеграција и во тој контекст го подвлече и значењето на експертизата на ОБСЕ во тој процес, соопшти МНР.
На средбата било посочено дека интеграцијата на Р. Македонија во ЕУ би придонела за надминување на предизвиците со кои се соочуваме во моментов, а кои можеби и не би постоеле во различен контекст, доколку бевме членка на НАТО и ги започневме преговорите за членство во ЕУ. Реформскиот курс на земјата секако продолжува во постигнување на стратешките цели.
Министерот Попоски потенцирал дека актуелните политички предизвици треба да се разрешат преку правни, институционални и политички процеси во согласност со уставниот поредок и воспоставените начела на демократија и владеење на правото.
На средбата било изразено задоволството од севкупната соработка на Република Македонија со институциите на ОБСЕ.
