Грција ја одложува исплатата за ММФ
Според дел од експертите, одложувањето може да биде преговарачка тактика на Атина...

Грција не ги прифати барањата на кредиторите и го извести ММФ дека ја одложува исплатата на ратата од 300 милиони евра. Наместо тоа ќе ги плати одеднаш сите четири во вкупна вредност од 1,5 милијарди.
„Објективно, имаме рок за договор до 30-ти јуни, бидејќи тогаш истекува продолжувањето на договорот за заемот со кредиторите“, изјави Јанис Варуфакис, министер за финансии на Грција.
Според дел од експертите, одложувањето може да биде преговарачка тактика на Атина. Заменик министерот за социјална безбедност Стратулис, пак, рече дека ако не отстапат од уцените, владата ќе мора да бара алтернативни решенија како избори.
„Пред да бидеме избрани решивме да кажеме „не“, да кажеме дека ни е потребно време. Ќе преговараме со нашите кредитори за да дојдеме до разумно решение за да се стави крај на овој магичен круг. Цената што моравме да ја платиме е тоа што моравме да бидеме згазени од меѓународните кредитори“, додава Варуфакис.
Во меѓувреме, грчките весници пишуваат дека кредиторите побарале од Владата во Атина да ја спроведе програмата за приватизација утврдена во 2012 година, напоменувајќи дека тоа е само еден од условите за склучување нов договор. Кредиторите барале и поставување конкретни рокови за продажба и за издавање под концесии на државен имот и итна продажба на државната железница. Со програмата за периодот 2015-2020 година Грција треба да заработи 10 милијарди евра.
„Гледате како луѓето пливаат во морето. Тоа е единственото нешто што може да го прават за да заборават. Имаме море, имаме сонце, го имаме Акропол. Се надевам дека нема да се обидат да ни го земат, бидејќи само тоа ни остана“, вели Теодорус Гианарос, директор на болница Елпис.
Грчката Влада од своја страна предлага до 2019 година да изврши приватизација на само неколку државни компании од кои би добила две милијарди евра, додека пак, по 2020 година би следела друга приватизациска фаза во која би се остварил приход од 18 милијарди евра.
Марина Автовска
